8164654213_92f7bcaeaf_h.jpg

Што претставува облеката за човекот?

Ако не сè, тогаш многу! Романтичната синтагма „Човекот по душата се познава“ во 21 век изгледа малку ветво, малку утописки и дефинитивно многу нереално. Не дека оваа филозофија е изумрена (никако и не смее да биде), но е значително изменета. Облеката денес, во огромен број ситуации има огромна улога во движењето, мотивацијата, па и резултатот кон кој целат тие ситуации. Тоа е така и никако поинаку. Интервјуата за работа, работниот однос, обичните рандевуа, вечера со пријателите, родендени, свадби и викенд-излегувања се само мал дел од спектарот на активност во кои облеката има несомнено значење. Што (треба) да значи облеката?

Претставителност. Облеката Ве претставува, колку и да одбивате да го прифатите тоа. Таа е вашето огледало низ кое останатиот свет ве перципира. Сè додека зборуваме за прошетка со кучето по кејот на Вардар, нема потреба да бидете преокупирани (тренерчиња и патичиња ќе завршат работа). Но, во голем број случаи, Вашата облека Ве дефинира Вас и Вашата појава, па доколку сакате таа дефиниција да изобилува со епитети, ќе мора малку да поработите на тоа. Затоа што вашата облека е ваша слика, а критичарите понекогаш умеат да бидат безмилосни!

Комфор. Комфорот не значи дуксер или памук или влечки за на плажа, комфорот е сè она во кое што се чувствувате удобно и пријатно. Убаво произведена облека ви овозможува чувство на комфор дури и ако сте облечен како политичар. Ова чувство има мошне големо значење и во однос на тоа како изгледате, но и во однос на тоа како се чувствувате. Облеката во која не се чувстувате убаво е еден од најголемите непријатели на вашата активност, од каков било тип. Затоа, внимавајте пред да „натегнете“ парче облека што може, буквално, да Ви го расипе денот (или вечерта), расположението и чувството на самодоверба.

Квалитет. Е тука, може да се рече дека стапнуваме на една од најважните почви од значења кои ги раѓа самиот термин „облека“. Контрадикции колку што ви душа сака: Дали квалитетното мора да е секогаш скапо? Што е подобро, долгорочен квалитет или краткорочен неквалитет што ќе ви остави можност, ако не нешто друго, да се почестите набргу повторно со ново парче облека? Рака на срце, и буџетот има улога во оваа проблематика. Но, неколку работи мора да се јасни: Квалитетот не секогаш значи лудо набилдана цена, квалитетот секогаш е подобар од краткорочните решенија (не само во однос на облеката, туку воопшто), квалитетот е многу често поврзан со добриот стил и квалитетот не е само обична именка измислена за богатите – денес, може да се рече дека квалитетот е подостапен повеќе од кога и да е, речиси секој може да си дозволи квалитено парче облека. Чувството кое произлегува од самото присуство на квалитетна облека на вашето тело е едно од најдобрите чувства кои и покрај тоа што се произведени однадвор, веднаш го наоѓаат вистинскиот начин како да се населат внатре во вас – самодоверба, пријатно расположение, желба за успешност и амбиција се само мал дел од чувствата и мотивациите кои квалитетната облека умее да ги создаде во Вас! Затоа, размислете внимателно пред да се фатите за парче облека „сè за двеста“, колку добивате од тоа парче, до кога ќе ви служи, кој го произведува и дали вредат неколку такви парчиња да заменат едно квалитено и „вистинско“ парче облека кое ќе остане во вашиот гардеробер сè додека вие не се изморите од неговата употреба. Имал право кој и да ја создал мудроста „Квалитетот смрт нема“!

Заштита. Облеката, секако, треба и да Ве заштитува од најразлични фактори како временските услови, условите на работа и многу други фактори кои влијаат на Вашето секојдневно движење и живеење. Заштитата е секогаш поврзана со високиот квалитет – сигурноста дека онаа што го носите на вас Ве заштитува е едно од основните барања кои треба да ги задоволува вашатаа облека.

Што претставува облеката за вас?

Што значи облеката за Вас? Колку Вашата облека Ве претставува и како го прави тоа? Колку Вашаата облека придонесува да се чувствувате убаво, пријатно и удобно? Колку Вашата облека е квалитетна? Одговорите на овие прашања, во голема мера Ве дефинираат, ако не пред себеси, тогаш сигурно во средината. Можеби Вие сте веќе свесни за значењето на сето ова, па одамна сте се погрижиле за „вашата дефиниција“. Доколку одговорите се разочарувачки, никогаш не е доцна да се промени ваквата ситуација.

Вистинското време е секогаш СЕГА! Претставителност, комфор, квалитет – тоа е сè она кон кое треба да ја насочите вашата идна мисија.